Уште веднаш да да кажам - главната состојка нека не ве одвраќа од идејата да го направите овој вкусен десерт... затоа што навистина е вкусен! А ако не знаете што има во составот, нема да можете ни да препознаете!
Црвениот грав има делумно неутрален вкус, односно вкус кој со мала нијанса асоцира на костени, поради што е идеален за слатки рецепти. Поради комбинацијата од грав и овесни снегулки, ова брауни има леплива текстура (не е како благо лепче), а тоа е главната разлика меѓу брауни и обичен пандишпан за торта.
Тие што редовно ме следат на социјалните медиуми знаат дека мешунките (сите видови грав, леќа, наут) ги сметам за супер храна и гледам да ги сместам во секоја можна комбинација.
Воедно им ги препорачувам на сите чиј дигестивен систем може да ги поднесе, редовно да ги имаат во своето мени, па дури и како дел од десерт.
Брауни од црвен грав
Количина: 9-12 коцки брауни
Време за подготовка на состојките: 5-10 мин
Време за печење: 15-20 минути (дополнително уште 10 минути за ладење)
Вкупно време за подготовка: 25-30 мин (без времето за ладење)
Се подготвува во мултипрактик и во тавче (20х20 cm)
Состојки:
250 g црвен бубрежест грав (или грав од една лименка, без течноста)
2 големи лажици какао (10g)
40 g (1/2 чаша) ситни овесни снегулки*
Прстофат сол
1/3 чаша мед
1/4 чаша кокосово масло**
2 мали лажици ванила екстракт
1/2 мала лажица прашок за печиво
80 g чоколадни капки или искршено црно чоколадо (по избор, меѓутоа чоколадото дава посебно добар вкус)
Опис:
Сите состојки (освен чоколадните капки) се мелат во мултипрактик додека да се добие сосема мазна смеса (да не останат парчиња).
Во смесата се мешаат чоколадните капки и се се излева во тавче (20x20 cm). Ако сакате, може да посипете низ површината уште малку чоколадни капки за подобра презентација.
Колачот се пече во загреана рерна на 180 степени, 15-18 минути, а потоа се вади од рерна и се остава да се излади уште 10 минути пред да се исече на коцки. Може да се случи колачот уште да биде како недопечен, но доволно е да го оставите на ладно неколку часови (преку ноќ) и ќе ја добие потребната цврста структура.
Забелешки:
*Ако немате при рака ситни овесни снегулки, претпоставувам дека браунито би излегло добро и со крупни овесни снегулки, а можеби може да се заменат и со интегрално брашно или со нешто друго. Јас ја правам оваа варијанта и другите не сум ги испробал, но експериментирајте и видете што најмногу ќе ви се допадне.
**Кокосовото масло може да се замени со маслиново масло, па дури и со путер од кикирики, пак ќе се добие убава текстура.
Комментарии