Рецептов излезе сосема случајно за едно гостување на телевизија. Немав идеја што да подготвувам и почнав да чепкам по рецепти за да добијам инспирација.
Прво си реков: ај ќе правам нешто со туна. Убаво би било да биде нешто и со мајонез од индиски ореви. Уште поубаво ако тоа го завиткам во тортиља. А да додадам и грав во целата комбинација?
По долго размислување, од 10-ина рецепти конечно склопив еден. И нормално, прво го испробав дома за да видам дали смислената комбинација функционира.
Се изненадив од комплетниот вкус на буритото и сфатив дека тоа ќе стане новиот хит оброк кај мене дома. Најбитно - се подготвува многу бргу!
Бурито од црвен грав и туна
Количина: 6 бурита
Време за подготовка: 15 минути (без времето за киснење на индиските ореви)
Се подготвува во длабок сад за мешање и блендер.
Состојки за буритото:
2 конзерви туна (процедена од течноста)
400 g варен црвен грав (од конзерва,процеден од течноста)
1 доза мајонез од индиски ореви
1 мала главица црвен кромид
1 гранче целер
Сол и црн бибер
Листови марула
Авокадо (по желба)
6 тортиљи
За мајонезот од индиски ореви:
100 g индиски ореви (откиснати во вода)
60 ml маслиново масло
Сок од 1 лимон
1 мала лажица мед
Сол и црн бибер
2 чешниња лук
Опис:
ЗА МАЈОНЕЗОТ ОД ИНДИСКИ ОРЕВИ: индиските ореви се откиснуваат во жешка вода, околу половина час.
Се додаваат останатите состојки за мајонезот и се блендираат додека да се добие мазна смеса.
ПОЛНЕЊЕ ЗА БУРИТОТО: во сад се мешаат гравот, туната, кромидот, целерот, мајонезот од индиски ореви и ако се додаваат сол и црн бибер по вкус.
СОСТАВУВАЊЕ НА БУРИТОТО: тортиља прво кратко се потпекува, а потоа, прво се редат:
2 листа марула
2 полни лажици од полнењето со туна и грав
парчиња авокадо
Буритото прво се преклопува од страните, а потоа се витка во ролна.
Comentarios