Зимата и ниските температури се пред нас, а што најдобро може да не загрее во една студена зимска вечер? Прегратка и топла чорба!
Виртуелните прегратки не се прегратки, затоа тоа нека биде задача на вашите драги луѓе околу вас, а овде ќе споделиме неколку зимски супи и чорби.
Во зима ми се чини ова е областа во која најмногу екпериментирам. Нема некоја филозофија за чорба, со оглед на тоа што најчесто правам комбинација на зеленчуци, но најтешкото е како да се дотера вкусот, за откако ќе ја пробате, да посакате уште една порција.
Овде ќе сретнете неколку супи кои секоја зимска сезона најчесто се наоѓаа на моето мени.
Крем супа од карфиол, пашканат и печен лук
Ако сакате поароматична супа, ова е изборот за вас. Овде внимавајте со солта, затоа што се додава соја сос, кој знае да биде доста солен.
Количина: 4-6 порции
Време за печење на лукот: 10 мин
Време за сечкање на зеленчукот: 10 мин
Време за варење и мелење на супата: 20-25 мин
Вкупно време за подготовка: 30-40 мин
Се подготвува во едно тенџерe за варење, тавче и блендер
Состојки:
½ главица лук
1 главица кромид, исечкан на покрупни парчиња
1 мала главица карфиол (околу 500 g), поделена на помали цветови
4-5 пашканати, исечкани
1.5 L вода
1 голема лажица соја сос
Морска сол и црн пипер (по вкус)
За гарнирање: маслиново масло и свежи тревки, како магдонос или коријандер
Опис:
Сите чешниња се оддвојуваат од главицата лук (лушпите да останат), се редат во тавче на хартија за печење, малку се попрскуваат со сол и се печат 10 минути 200°С (не смеат да изгорат!). Кога ќе се испече, лукот се остава да се излади, па се лупи и се остава на страна.
Додека се пече лукот, исчистениот и исечкан зеленчук се става во тенџере со 1.5 литар вода. Откако водата ќе почне да врие, се намалува на средна температура и се остава да врие околу 15 минути, односно додека состојќите не омекнат (но не да се распаѓаат).
Откако ќе се свари зеленчукот, се додаваaт печениот лук и соја сосот и се меле во блендер додека не се добие мазна крем смеса. Се зачинува со сол и црн пипер, а се гарнира со малку маслиново масло и со магдонос или коријандер.
Супа од зелка, наут и ориз
Оваа супа можеби бара малку подготовка за сечкање на зеленчукот и за варење на оризот, но потоа за самиот процес на изведба нема многу работа.
Количина: 4-6 порции
Време за варење на оризот: 45-50 мин
Време за сечкање и динстање на зеленчукот: 10-15 мин
Време за варење на супата: 40 мин
Вкупно време за подготовка: 60 мин (се скратува времето ако се користи претходно сварен ориз)
Се подготвува во едно помало и едно поголемо тенџерe за варење
Состојки:
1 чаша интегрален ориз (околу 3 чаши варен ориз)
3 чаши вода за варење на оризот
1 голема главица кромид, исечкан на коцки
3 средни моркови, исечкани на тенки кругови
500 g рендана зелка (како за салата)
1 голема лажица маслиново масло
1 мала лажица црвен пипер
½ мала лажица буковец
½ мала лажица сол (или по вкус)
Свежо мелен црн пипер
2 L зеленчуков бујон (ако ви е останат од варење некој зеленчук) или вода
2 чаши варен наут
3 поголеми чешниња лук, изрендани
2 средни гранчиња целер, ситно исечкани
Сок од половина лимон
Мелено ленено семе или тостирани семки од тиква
Опис:
Во тенџере со прстофат сол и 3 чаши вода на средна температура со затворен капак се вари интегралниот ориз (околу 45 минути откако ќе почне да врие).
Во поголемо тенџере на 1 лажица маслиново масло се динстаат кромидот и морковите (околу 5 минути), а потоа се додава и зелката и се динста уште околу 5 минути. На крај се додава и црвениот пипер, кој се пропржува уште многу кратко за да не изгори (30-ина секунди).
Се додаваат 2 L зеленчуков бујон или вода. Се зачинува со буковец, сол и црн пипер и се остава чорбата дасе вари на средна температура околу 40 минути.
Пред крајот на варењето се додаваат сварениот ориз и наутот.
Откако ќе се свари супата, се трга од оган и се додаваат гранчињата целер, исцедениот лимон и изренданите чешниња лук. Може да се гарнира со мелено ленено семе или со тостирани семки од тиква.
Зимска чорба со многу зеленчук
Ова е чорба која ми се издвојува како најголем фаворит. Прво, причина е убавиот, интересен вкус, второ, затоа што се прави во „реално време“, односно подготвоката може да трае всушност додека се прави чорбата.
Можеби малку во вкусот ќе ве збуни слаткиот компир, но може да се замени со обичен компир. Сепак, искрено препорачувам слаткиот компир да остане - не само што има убав вкус, туку е и сосема поразличен зеленчук од обичниот компир со свои карактеристики, а само носи исто име поради сличниот изглед.
Количина: 4-6 порции
Време за сечкање и динстање на зеленчукот: 15-20 мин
Време за варење на супата: 40 мин
Вкупно време за подготовка: 60 мин
Се подготвува во едно поголемо тенџерe за варење
Состојки:
1 главица кромид, исечкан на коцки
2 големи моркови, исечени на поголеми кругови
1 голем пашканат, исечен на поголеми парчиња
250 g печурки, исечени на поголеми парчиња
2 компири, средна големина, излупени и исечени на поголеми парчиња
1 голема лажица маслиново масло
1 литар вода
1 сладок компир, излупен и исечен на поголеми парчиња
1 мала бела репка, излупена и исечена на поголеми парчиња
2 чаши прокељ, преполовени само ако се големи главиците
1 чаша замрзнат грашок
2 големи лажици овесно брашно
80 ml ладна вода
2 големи лажици мелено ленено семе
3 чешниња лик
Морска сол и црн пипер (по вкус)
Опис:
Во поголемо тенџере на 1 голема лажица маслиново масло се динстаат по 5 минути прво кромидот, потоа морковите, пашканатот, печурките.
Зеленчукот се полева со 1 литар вода и се загрева. Кога ќе почне да врие, се намалува на средна температура и се додава слаткиот компир.
По 10-ина минути се додаваат грашокот и прокељот.
По 5 минути се додава и белата репка и се вари дополнителни 5 минути.
Чорбата се зачинува со сол и црн пипер и со истолчен или изрендан лук.
Овесното брашно и лененото семе се мешаат во 80 ml ладна вода, се исклучува шпоретот и постепено, мешајќи, се полева мешавината од вода и брашно во чорбата. Се остава некоја минута да се згусне, а ако не е доволно густа, може да се додаде уште една лажица овесно брашно.
Забелешки:
Од сите овие чорби излегува голема количина, така што ако нема кандидати веднаш да се изедат, без проблем може да се чуваат некој ден во фрижидер.
Comentarios