Дали јадете доволно мешунки, од типот грав, леќа, наут, боранија, грашок? Во земјите во Јужна Америка, Африка, во Кина, на средниот Исток и Индија мешунките се редовен дел од секојдневните оброци.
Мешунките се преполни со антиоксиданти, фитохемикалии, растителни стероли, со железо, цинк, извор се на растителни протеини и на диететски влакна – сето тоа за релативно малку калории.
Точно е дека мешунките содржат лектини, кои се сметаат за алергогени и фитати, кои ја намалуваат искористливоста на минералите.
Сепак вообичаените начини на подготовка во голема мера ги елиминираат овие соединенија. Затоа, не заборавајте пред варење, гравот, леќата, наутот редовно да ги откиснете барем 8 часови.
Ајде сега да правиме бургери од црвен грав!
Бургери од црвен грав
Количина: 6 плескавици
Време за подготовка на состојките: 20 мин (+ 30 мин за да отсојат)
Време за пржење: 20 мин (ако се пржат во помала тава)
Вкупно време за подготовка: 50 мин
Се подготвуваат во сад за мешање на состојките, мултипрактик и нелеплива тава за пржење
Состојки:
500 g варен црвен грав (или грав од 2 лименки, убаво процеден од течноста)
120 g овесни снегулки
2 големи чешниња лук, покрупно исечкани
1 чаша млад кромид (пред се зелениот дел)
20 g исечкан магдонос
1/2 црвена пиперка, исечкана
90-100 g иситнети каламата маслинки
2 ½ големи лажици доматно пире
1 ½ голема лажица вински оцет или балсамик
1 голема лажица сенф
2 мали лажици суво оригано
Морска сол и црн пипер (по вкус)*
Опис:
Гравот се пасира во поголем сад со пасирка за пире. Истово може да се направи и во мултипрактик, само што смесата ќе наликува повеќе како пире, а бургерите од грав обично се повкусни кога имаат и малку текстура.
Одделно во мултипрактик се мелат околу 120 g овесни снегулки. Откако убаво ќе се иситнат овесните снегулки, се додаваат , лукот, кромидот и магдоносот и па се меле додека зеленчукот убаво да се иситни.
Сомелените овесни снегулки и зеленчукот се додаваат во садот кај испасираниот грав. Се додаваат и пиперката, маслинките, доматното пире, балсамик оцедот, сенфот и зачините.
Целата смеса убаво се меша и се остава да отстои во фрижидер околу половина час. Може убаво покриена да се остави во фрижидер и преку ноќ.
Се оформуваат 6 бургери и се пржат на малку маслиново масло во нелепливо тавче по околу 5 минути од двете страни.**
Забелешки:
*Внимателно со солта, затоа што маслинките се доста солени.
**Бургерите може и да се печат во рерна на 220°С, 15 минути од едната страна, се превртуваат и се печат уште околу 5 минути од другата страна. Не треба да се печат подолго затоа што ќе бидат суви кога ќе се изладат.
Comentarios