Како голем љубител на пица, покрај што купувам пица, задолжително мора да имам и моја домашна варијанта.
Од мајка ми си имам запишано едно универзално тесто од кое најчесто правам нешто меѓу фокача и пица (ама дома си ја викаме пица).
Најлесно е да се направи со обичен квасец и се кисне многу кратко (затоа и се вика брзо тесто), ама јас често ја правам и со мој квасец (кисело тесто, маја) и во тој случај потребно е подолго киснење, а инаку постапката е доста едноставна.
Пица од брзо тесто
Количина: околу 12 парчиња
Време за подготовка: 70-80 минути
Се подготвува во подлабок сад за мешање и во тавче за печење
Состојки:
3 чаши интегрално пченично брашно (може мешавина со бело брашно или 'ржано, спелтино)
2 чаши вода (или по потреба)
1/2 коцка свеж квасец (или 200 g кисело тесто)
2-3 лажици маслиново масло
Малку шеќер и сол
За гарнирање:
I варијанта: кечап, домати, кромид, пиперки, маслинки, печурки, оригано, кашкавал (или сирење)
II варијанта: неколку главици кромид и печурки, издинстани со малку масло и свеж рузмарин + рендан кашкавал
Може да се додаде јајце или во некоја варијантите да се додаде кулен или пршута.
Опис:
Квасецот се активира со дел од водата, малку брашно и шеќерот. Потоа се мешаат сите состојки за тестото. Треба да се добие структура погуста од тесто за палачинки. Поради тоа, ако не се доволни 2 чаши вода, може да се додаде уште малку.
Тестото се истура во тавче обложено со хартија или премачкано со масло, се покрива и се остава да кисне околу 30 минути. За тоа време, рерната се клучува да се загрева на 250 степени.
Пред крај на киснењето, врз тестото се редат избраните состојки, без кашкавалот и пицата се става во рерна. Се пече 15 минути на 250 степени, а потоа температурата веднаш се намалува на 200 степени и се пече уште 15 минути.
Се вади пицата од рерна, се реди изренданиот кашкавал и се враќа во рерна да се потпече уште 5 минути.
Се остава да се подизлади, а потоа се сече на парчиња.
Варијантата со кисело тесто се разликува во следното:
Место квасец додавам 200 g маја (кисело тесто) и потоа ги мешан состојките за тестото. Во овој случај тестото треба да кисне од 3 до 8 часови, зависи од топлината во кујната. Кај мене во лето доволно е киснење од 2-3 часа, а во зима околу 6 часови.
Откако ќе откисне тестото, процедурата понатаму е иста како со првиот начин на подготовка.
Comentários