Размислував дали овој рецепт е за објавување со оглед на тоа што и не е некој рецепт, ама од друга страна си реков, зошто да не, некој можеби ќе сака да направи нешто брзо и едноставно за освежување.
На крајот на краиштата, кој не би сакал да проба комбинација од банана, аронија и кокосово млеко?
Сладоледот од банана многумина не го ни сметаат за сладолед, ама кај мене дома секогаш поминува одлично, а и мене ми е добредојден во текот на жешките летни денови, па ете уште една причина зошто официјално да биде објавен на блогот.
Инаку, јас бананите ги замрзнувам сосе лушпа, па пред да ги користам ги лупам замрзнати, но за полесна употреба може да се излупат, да се исечат на парчиња и парчињата да се замрзнат наредени одделно во ќеса. Ама, да се разбереме, јас сум зафатен татко што нема време за толку долги процедури :)
Сладолед од банана и аронија
Количина: 6 мали квадратни вафли
Вкупно време за подготовка: 10 + 10 мин (без времето за замрзнување)
Се подготвува во блендер или во мултипрактик
Состојки:
1 kg замрзнати банани
100 g замрзната аронија
400 ml (1 лименка) полномасно кокосово млеко
2 големи лажици мед или друг течен засладувач
За гарнирање: кокос, ореви...
Опис:
Замрзнатите банани се мелат во мултупрактик и постепено се додава кокосовото млеко.
Откако убаво ќе се сомелат, добиената смеса се дели на два дела. Првиот дел се распоредува на дното на садот во кој што ќе се замрзнува сладоледот.
Во вториот дел се додаваат аронијата и засладувачот и се продолжува со мелење додека да се сомеле аронијата. Може да се остават и ситни парчиња од аронијата.
Вториот дел од сладоледот се префрла во садот за замрзнување врз првиот дел, така што со шпатула или со лажица се прават шари од белиот и виолетовиот дел на сладоледот. Не се мешаат целосно двата дела. Доволно е виолетовиот дел со аронијата малку да навлезе во белиот дел за да направи шаренило од бои.
Сладоледот се поросува со кокос или со ореви и се повторно се замрзнува (или се јаде веднаш).
Забелешки:
Во сладоледот може да ви останат кристали.
За тоа да се избегне, можете двата делови одделно повторно да ги подзамрзнете, а потоа, ако имате машина за сладолед, одново да ги промешате, па да продолжите со постапката на шарањето.
Или, ако немате машина за сладолед, двата дела подзамрзнати уште во неколку наврати треба да ги мешате во мултипрактик и пак да ги подзамрзнувате, па дури потоа да преминете на делот со шарањето. Мене искрено, не ми пречи по некој кристал, па оваа постапка целосно ја прескокнувам
Comments