top of page

Хумус (основна варијанта)

Хумусот е намаз кој во секој момент треба да се има во фрижидер. Најлесно се употребува за појадок, ручек или вечера, како дел од сендвич, дел од главен оброк или самостојно со салата.

Хумус - основна варијанта

Често правам варијации на тема хумус, затоа што и самиот рецепт нуди доста креација. Може да се додаваат и да се одземаат состојки, а може да се направи и со различни зачини, според вкусот.


Во еден момент забележав дека баш тој, основен рецепт не сум го објавил на блогот, веројатно затоа што сум сметал дека горе-долу сите го знаат.


Сепак, моето искуство вели дека многу луѓе не ни знаат што е хумус и кога ќе го пробаат, редовно ме прашуваат: Што е ова? Како е рецептот?


Токму за оние кои до сега не се испробале со правење хумус, а и за оние кои сакат да си го имаат документирано „црно на бело“, еве го најосновниот, ниско маслен рецепт.

Хумус - основна варијанта
 

Хумус (основна, нискомаслена варијанта)


Количина: 6 порции

Вкупно време за подготовка: 5 мин (без времето за варење на наутот)


Без глутен, без јатки, без додадени шеќери

Се подготвува во еден сад



Состојки:


330 грама варен наут (или наут од конзерва, убаво процеден од течноста)

1/4 чаша таан

1/4 чаша маслиново масло (може да се замени со вода за понискомаслена варијанта)

3-4 чешниња лук

Сок од половина лимон (или по желба)

1 голема лажица сенф (не е задолжително)


сол, црн пипер, црвен пипер и кумин по вкус.

Хумус - основна варијанта

Опис:

  1. За да сварите наут, прво треба да го откиснете во вода најмалку 8 часови, најдобро преку ноќ. Водата во која се киснел се фрла, се додава нова и се вари околу 45 минути до еден час.

  2. Додека е топол наутот, се меле во мултипрактик додека да се добие пире.

  3. Во текот на мелењето постепено се додаваат и останатите состојки.

Мерките на состојките во овој рецепт се приближни, односно додавате и одземате според вашиот вкус. Јас некогаш го сакам со повеќе лимон, а понекогаш со повеќе лук или црвен пипер, така што постојано му го менувам вкусот.


Преферирам хумусот да го правам без масло, затоа што предност и давам на целосната, непреработена или минимално преработена храна. Сепак, маслото на овој намаз му дава покремаст вкус.


Хумусот без да смени вкус може да отстои складиран во стаклена тегла во фрижидер 3-4 денови, што би се рекло, во тој период може да притрча на помош во кризни моменти за храна.

937 views0 comments

Recent Posts

See All

Comments


bottom of page