top of page

Чизкејк со овошен џем

Се сеќавам, пред 10-ина години, кога за првпат се испробував во кујна, некој да ми речеше: „Ајде да правиме торта“, веднаш ќе проверев што имам од состојки, што треба да се купи и денот ќе го посветев на правењето торта.


Денес, кога ќе размислам каков неред се прави во кујна за еден колач што ќе го снема за секунда, не ни помислувам да почнам. Ама мојата сопруга не губи надеж и кога сака да прави нешто за релаксација, смислува рецепти за слатки.

Тортата со многу овошје
Тортата со многу овошје

Нејзиниот принцип на правење слатки е следниот: гледа неколку опции на интернет, разгледува што има дома и составува рецепт „од рака“. Ако излезе вкусен, плус и ако направиме добри фотографии, ја прашувам за точните мерки за да можам тој рецепт да го напишам на блогот, а нејзиниот одговор најчесто е: „Знаеш дека никогаш не готвам со мерки.“


А како јас тој рецепт да го ставам на блогот?


За среќа за овој колач запишала се што ставила, па можам да го споделам рецептот.

Овошна мешавина
Овошна мешавина
 

Чизкејк со овошен џем


Количина: низок колач со пречник 24 cm

Време за подготовка на колачот: околу 1 час (со времето за ладење)


Се подготвува во мултипрактик, калап за тарт (или за торта) со пречник 24 cm, сад за мешање и мало тенџере.


За основата:

200 g (2 чаши) крупни овесни снегулки

150 g ореви

5 големи лажици растопено кокосово масло

1 ќесичка ванила

1/4 чаша густин

1/4 чаша мед (или 3 големи лажици мед)

60 ml (1/4 чаша) вода


За кремот:

330 g несолена урда

1 чаша полномасно кокосово млеко

1/4 чаша мед

4 големи лажици суво грозје


За овошниот џем:

300 g замрзната овошна мешавина (малини, капини, боровинки, јагоди)

2 големи лажици шеќер

Малку рум, ванила и листови мента

3 големи лажици чија семе

Парче од овошниот чизкејк

Опис:

  1. Овесните снегулки и оревите се мелат во мултипрактик (не во блендер) додека да се иситнат, но не премногу. Се додаваат и останатите состојки за основата и се меле уште многу кратко, колку се убаво да се распореди. Потоа, целата смеса се става во замрзнувач 30 минути.

  2. Изладената смеса за основата се распоредува во намрсен калап за тарт или за торта (дијаметар 24 cm) по дното и ниско по ѕидовите на калапот. На неколку места се прободува со вилушка и се пече 20 минути на 180 степени. Откако ќе се испече се остава да се излади.

  3. Во меѓувреме, во мултипрактик се меша урдата со кокосовото млеко и медот. Се додава и сувото грозје и се остава на страна.

  4. Овошјето за џемот се загрева во тенџере со шеќерот, ванилата и менатата. Откако убаво ќе омекне овошјето, но не да се распаѓа, се додава чија семето и убаво се промешува. Се додава и румот и џемот се остава на исклучена рингла уште 5 минути за чија семето да го згусне. Готовиот џем се остава да се излади.

  5. РЕДЕЊЕ НА ТОРТАТА: Врз изладената основа убаво се распоредува изладениот крем од урда, а потоа врз него се распоредува изладениот овошен џем. Се сервира со листови мента.




Recent Posts

See All

Comments


Commenting has been turned off.
bottom of page