Имам впечаток дека со правењето чорби од леќа некако заглавив во преповторување на истите состојки, истото клише, само со неколку корекции околу зачините.
Оваа чорба дојде како идеја како да се направи леќа со нешто поинтерен и поневообичаен вкус.
На моите деца навистина е тешко да им се подметне зеленчук, посебно во свежа форма, па затоа се трудам често да го има присутен во оброците барем во обарена варијанта.
Затоа чорбата ја направив со праз и додадов и блитва за да прошара и малку зеленило. Индиските ореви имаат улога на згуснувачи, а со себе носат и масти, кои инаку би недостасувале во рецептот.
Да спомнам и дека со добра организација, подготовката нема да одземемногу време. Затоа следете ги добро упатствата под рецептот.
Чорба од леќа, блитва и индиски ореви
Количина: 6 порции
Време за подготовка на состојките: 10 мин
Време за варење: 40-50 мин
Вкупно време за подготовка: 1 час
Се подготвува во едно длабоко и едно помало тенџере, а потребен е и блендер.
Состојки:
250g леќа (откисната 8 часа или преку ноќ)
1 голема лажица маслиново масло
2 страка праз, исечкани
3 чешниња лук, ситно исечкани
200 g блитва
1 мала лажица куркума во прав
1 голема лажица рендан ѓумбир
Црвен пипер
Сол и црн пипер по вкус
1 l зеленчуков бујон (или вода со мешан сув зеленчук)
70 g индиски ореви
Додаток по желба: просо, киноа или хељда (опис во забелешките под последната слика)
За гарнирање: лимон исечен на парчиња и магдонос
Опис:
Индиските ореви се ставаат во врела вода да се откиснат околу поливина час.
Празот и лукот се динстаат на една лажица маслиново масло (5 минути). Се додаваат и зачините малку да се пропржат за да им се истакнат мирисот и вкусот (30-ина секунди).
Се додава леќата и се промешува убаво со зачините, па се додава бујонот (водата), се посолува и се остава да се вари. Ако не е откисната леќата ќе се вари околу 45 минути, а ако е откисната нешто пократко.
Додека се вари леќата, во посебен сад се загрева вода и кога ќе почне да врие, се додаваат листовите блитва заедно со рачките. Се остава блитвата да се обарува точно 3 минути. Потоа се процедува и се остава на страна додека да се свари леќата.
Пред да биде готова чорбата, се зема дел од течноста во која се варела леќата и во неа се блендираат индиските ореви. Блендираните индиски ореви со течноста се враќаат во чорбата, се додава и блитвата исечкана на мали парчиња и се остава да се провари уште околу 5 минути.
Чорбата се сервира со парчиња лимон и со магдонос.
Забелешки:
За погуста чорба, 15-ина минути пред крај може да се додаде ½ чаша просо, киноа или хељда.
Чорбата може да се искомбинира со свежа салата која ќе биде зачинета со некој вид ладно цедено масло или со јатки/семки по избор.
Comments