top of page
  • Facebook
  • Instagram
  • LinkedIn
  • YouTube

мојата филозофија

Која е најдобра диета за намалување килограми?

Image by Dana DeVolk

Една искрена исповед – голем дел од животот го посветив на дилемата „Која е најдобрата диета за намалување килограми?“ Кето, палео, хроно, УН, веган, наизменично гладување... кој е точниот одговор?

По долго истражување, се чини дојодв до конечниот одговор.

Без разлика дали ќе се подложите на диета сиромашна со јаглехидрати или со намалени масти, ограничени калории или со повремено гладување – сите диети се исти во однос на намалувањето килограми.

Можете да ослебете и ако само јадете тестенини, истото може да се случи и ако повремено гладувате или ако применувате диета распоредена според времески интервали – сите диети успеваат, се додека строго се придржувате до нив.

Главниот проблем е што повеќето диети не се одржливи.

 

Кога почнувате диета прво запрашајте се:

  • Дали со овој начин на исхрана можам да опстојувам цел живот?

  • Дали е ова здраво, исправно, применливо на долги патеки?

  • Што ќе биде откако ќе прекинам со ваквиот начин на исхрана?

  • Дали можам цел живот без овошје или само со неколку овошки наутро?

  • Дали можам да опстојам само со белки од јајца секоја вечер?

  • Дали можам секој ден да гладувам по 16 часови, а да јадам само 8 часови?

Прво до подобро здравје - потоа и постепено слабеење

Најдобар начин да се постигне посакуваната тежина е постепено слабеење без никаква диета.

 

Всушност, најдобро е:

  • да размислуваме за подобро здравје;

  • да ги менување на навиките во исхраната;

  • да додаваме нови продукти богати со хранливи материи кои ќе ни ја подобрат здравствената состојба;

  • да го менуваме на ставот кон исхраната.

На тој начин без да се оптоваруваме со слабеењето, телото ќе си ја најде својата здрава тежина, без опсесивно броење калории и со сменети навики во исхраната кои ќе можат долгорочно да се применуваат.

Image by Thought Catalog

Организмот секогаш се стреми кон поздрава тежина, која доаѓа со промени кон поздрав начин на исхрана. 

Кога си поставуваме цели од типот: морам да ослабнам 10 или 20 килограми за еден или два месеци, ако не ја постигнеме целта за одредениот период губиме мотивација.

А намалувањето тежина никогаш не е линеарно, туку има искачувања и падови.

 

Понекогаш може да качите килограми и кога сте биле „примерни“ со јадењето. Со други зборови, ако се храните и вежбате само за да ослабнете, сигурно ќе изгубите мотивација кога ќе достигнете плато (стагнација со килограмите) или ако вратите некој килограм.

Има и друго сценарио – кога ќе ја достигнете посакуваната тежина, конечно прекинувате со исцрпувачката диета, се враќате на старите навики, а со тоа се враќаат и килограмите.

 

Кога главна цел ни е намалувањето килограми, а не трајно менување на навиките во исхраната, секогаш ќе има вакви разочарувања. Секогаш ќе има некој родеден, мекици, свадби, празници кои ќе нудат искушенија со изобилство од храна, а потоа следува чувството на вина што не сме имале цврст карактер да останеме на зацртаната диета.

Постепено воведување нови навики

Image by Jennifer Burk

Најдобро е да се слуша телото, а не некој експерт на фејсбук или на инстаграм.

Вашиот организам ќе почувствува глад кога ќе му биде потребна енергија, кога ќе почувствува дека не сте јаделе доволно. И ќе сакате салати и вежбање тогаш кога нема да ги чувствувате како казна или дел од диета.

Диетите се тешки, затоа што се полни со правила и ограничувања кои е тешко да ги следиме секогаш и во секое време.

Најдобриот начин да се достигне состојба на здрав организам, а како последица на тоа и идеална тежина, е постепено да се воведуваат нови навики во исхраната и физичка активност.

Започнете со мали промени. Ако до сега не сте имале физичка активност, започнете со кратки прошетки. Цел нека ви биде вашето здравје, не намалувањето килограми. Ќе сфатите дека со движење ви е подобро. Постепено зголементе на подолги пешачења или пешачете кратко, но почесто.

 

Сконцентрирајте се на тоа што ново ќе воведете во исхраната секоја недела. Обидете се да уживате во промените. На пример, место бурек или кифла за појадок, обидете се два пати во неделата да појадувате овесни снегулки со обичен или растителен јогурт, семки и некоја овошка. Ако не ви се вкусни, испробајте некој покреативен рецепт како да ги вметнете во исхраната.

Ставете си за цел два до три пати неделно да јадете зеленчук. Ако некоја недела не сте се придржувале строго до тоа правило, не е страшно. Следната недела ќе се обидете да го воведете како здрава навика и да се подобрите.

 

На овој начин, со креативни рецепти постепено вметнувајте повеќе здрави навики. Ако грицкате попладне, испробајте во тој термин да прошетате, можеби на тој начин таквата навика ќе успеете да ја совладате.

За крај...

  • Немојте да ги одбегнувате јаглехидратите затоа што тие се префериран извор на енергија во организмот.

  • Немојте да си ставате во главата дека ви е забранет шеќерот – така ќе го посакувате уште повеќе. Парче торта или чоколадо од време на време ќе ве ослободат од товарот дека нешто ви е забрането.

  • Сфатете дека нормални се повремените отстапки од замислената исхрана и не можеме секогаш да бидеме совршени.

На овој начин ќе дојдете до посакуваното здравје, ќе дојдете до позадоволна верзија од себе – без опсесивно размислување дали сте намалиле онолку килограми колку што треба да се очекува од некоја исцрпувачка диета.

Оставете ги ригорозните диети. Тие се оправдани само во исклучителни ситуации кога се работи за тешки здравствени нарушувања и треба да се применуваат ограничен период под строг медицински надзор.

Image by Margarita Zueva

Ви посакувам успешен пат кон подобро здравје преку вкусна и здрава исхрана,

Антонио

bottom of page